Становите во Скопје поскапи и од некои туристички места

, , Posted by on

Најголем раст на цената станбениот квадрат имаше во 2008 година кога поскапе за цели 22,1%, за до денес минимално да се намали и да се изедначи со цените на големите пазари во регионот.

Bortas stanben objektПадни-стани. Вака најдобро се опишува движењето на цените на становите во последните пет години. Податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека во 2008 во однос на 2007 година цените на становите имале фантастичен раст за над 22%, а во годините што следат безмалку се задржале на тоа ниво, зашто една година малку паѓале, па следната растеле. Со ваквите движења Македонија остана меѓу ретките земји во регионот, па и пошироко, чиј пазар на недвижнини не реагираше со вртоглав пад на цените во кризниот период.

Ако ги прашате граѓаните заинтересирани за купување стан, ќе ви кажат дека становите се безобразно скапи, пред се оние во центарот на Скопје и неговата поширока околина, каде што пазарот на недвижнини најдобро работи.

Инвеститорите пак, одат во друга крајност и тврдат дека продаваат под цена, зашто им растат трошоците, на сметка на профитот. Резултат е ситуација во која стан во центарот на Скопје сега е горе-долу со иста цена како стан во центарот на Белград и на Загреб, а поскап отколку на хрватското приморје, со исклучок на Сплит, кој поради атрактивноста држи цена.
– Нема логика недвижнина во центарот на Скопје и во центарот на Белград да има иста цена. Српскиот пазар е многу поголем од македонскиот. Освен тоа, таму има повеќе странски дипломатски и комерцијални претставништва, што значи и повеќе странци кои купуваат или изнајмуваат станови, го движат пазарот – толкуваат агентите за недвижнини.
Очекуваниот влез на Македонија во НАТО во 2008 година беше причина градежните компании практично во еден здив да ги зголемат цените на недвижнините за цели 22,1%. Мислеа дека ќе има поголема побарувачка на станови, зашто интеграцијата во Алијансата требаше да донесе повеќе странски клиенти. Последиците од овој нивен потег се чувствуваат до ден-денеска. На изјаловените очекувања во 2009 година тие реагираа со намалување на цените кое според математиките на статистичарите изнесувало само 7%. Во 2010 година е регистриран раст за 0,9%, во 2011 пад за 3,8%, а лани цените се намалиле за занемарливи 0,4%.

Минатата година во нашата држава се случи вистински бум во станоградбата. Изградени се двојно повеќе станбени згради отколку во 2011 година, со четири пати поголема вредност. Но, веќе во првата половина од оваа година градежниците излегоа со алармантен податок дека околу 6.000 станови подолго време не можат да ги продадат. Сега имаме ситуација станови да се продаваат на акција, како прашок за перење, но и во Градежната комора на Сојузот на стопански комори и во Групацијата за градежништво при Стопанската комора на Македонија велат дека цената на станбениот квадрат во основа останува иста, а под цена се продаваат само поголемите станови за кои подолго време нема клиенти и тоа практично го прави статистичкиот пад на вредноста на недвижнините.

Одговор на експанзијата во станоградбата и држењето до утврдените цени годинава е и намалената изградба. Од месец на месец паѓа бројот на издадени градежни дозволи, дури и во шпиц-сезоната за градење. Најсвежите податоците на ДЗС кажуваат дека во јули годинава се издадени 179 одобренија за градење, што е за 26% помалку во однос на истиот месец од претходната година, а предвидената вредност на објектите што треба да се изградат е за 91,6% помала. Градежниците и понатаму тврдат дека нема простор за глобално поевтинување на станбениот квадрат, а пониска цена купувачите може да добијат само при меѓусебното договарање за поединечни станови. Нивен адут за ваквиот став е високата цена на локациите. Статистичките пресметки покажуваат дека просечната продажна цена на градежното земјиште од 9.109 денари за квадратен метар во 2008 година, лани се зголемила на 13.912 денари. За сметка на тоа паднале трошоците за градење, а се зголемиле другите трошоци.

Превземено од Вечер

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *